Потребно време за читање: < 1 минута

9. Скрвавена песна

Трага дека била од мене
испеана
и од други пеана до смрт
се капки крв на сува земја
отруена, та изгорена.

Има некои звуци,
некои слогови,
па и зборови од неа
во мене
чие значење не можам
да им го одгатнам;
а ни капките крв
не ми кажуваат
зошто сум ја испеал,
па ја пееле до смрт
таква, скрвавена.

Една самост трепетна
ме уверува
дека капките крв
се од некоја птица
ранета со секавица
што сум ја заробил
во неа
уште пред да полета
кон питомина.

Тргам по трагата,
по капките крв
со надеж дека
навреме ќе ја стасам
за да ја ослободам
птицата во неа
и да ја продолжам
да ја пеам таква,
скрвавена.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here