17. Онемена песна
Нема ни збор ни слог
ни буква ни глас во неа;
нема ни знак ни трага,
нема ни знаен ни незнаен
интерпункциски знак
во неа, по неа, над неа.
Нема ни зрак сончевина
да ја пробие мрачнината
што ја обѕидала,
нема ни жар што тлее
чекајќи некој ветар
да ѝ ја распали страста.
Долго немеела песнава
пред безмерни убавини
пред изгори, сомнежи,
пред стравови,
додека конечно не онеме
во моите обиди
конечно да се ослободам
од сите мрежи пајакови
и врвици бесцелни.