Врвица

Потребно време за читање: 2 минути

-Секој по своја врвица до својот највисок врв. Сакам да речам дека секој има или треба да има своја.

-А нема заедничка? Или има, но не се оди по неа сè дури секој оди по своја?

– Нема заедничка врвица! Има заеднички пат до една, заедничка смислена, обмислена и достижна цел.

-Сакаш да кажеш дека секој си има своја врвица, што е само негова, од нејзиниот сопственик сè уште незаодена или неизодена, тесна. А бидејќи е до највисок врв, се подразбира дека е стрмна, може меѓу две провалии, два рида, две планини или два планински врва. Тоа значи дека е тешка и мачна за искачување? Од друга страна, заедничкиот пат до една, заедничка, смислена, обмислена и достижна цел, на двајца, тројца, повеќемина, многумина е широк, лесно и брзо изодлив?

-Не сакам, туку го кажувам токму тоа. Ти го докажувам и ова: наспоредноста на врвицата и патот не е неминовна, односно врвицата му е „природена“ на секој личен живот, а патот не е ниту задолжителен, ниту постојан како заеднички. Заедништвото неретко нема никаква поврзаност со заеднички пат до една, заедничка цел.

-Според тебе нема никаква сличност меѓу патот и врвицата?

-Според мене има, и тоа не една, туку повеќе сличности. Но, тоа не значи дека може да се поистоветат. На пример, и врвицата и патот можат да бидат, поточно најчесто се трнливи. И буквално, значи покриени со трње, и фигуративно, метафорички, симболички-тешко проодни, мачни за совладување, искачување, со многу пречки кои се чинат ненадминливи. Токму затоа не се препорачува и по врвицата и по патот да се оди со боси нозе. Разбираш, нели?

-Разбирам…разбирам…А не можат и врвицата и патот да бидат исто стрмни, тесни, со многу свијоци, незаодени, неизодени, дури едвај догледливи, согледливи, распознатливи?

-Можат…можат…Може и да се наспоредни…Може врвицата или патот да завршуваат таму кај што таа или тој почнуваат. Може негде и да се вкрстуваат…Многу е важно човек да не отстапува, да не излегува од својата врвица. Така полесно ќе оди со друг или со други по заеднички пат.

-Да те чујам уште за патот поплочен со добри намери.

-Што да ти кажам? Притоа не е важен патот, туку неговата поплоченост, поточно добрите намери…Тоа само го потврдува сето што ти го кажав за заедничкиот пат…И патот може да биде како врвицата, да се престори во врвица, а врвицата да стане пат, но тоа е друга тема…Заедничкиот пат е секогаш смислен, трасиран, направен и со и за добри намери…Добри намери…Намерно премолче дека станува збор за патот до пеколот?…Всушност за лоши намери, за пеколно лоши, а прикриени, задскриени, добро скриени, невидливи, ниту насетувачки?

-Го премолчев тоа за да ги нагласам добрите намери на секој заеднички пат. Кои во меѓувреме, патем се „расипуваат“, стануваат лоши, дури пеколно лоши.

-В ред…Сам ја докажа разликата меѓу врвицата и патот.              

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, ескизи, 22