Најпрвин, врутоците на секој живот се всушност почеток, раѓање, излегување на виделина, а исчезнувањето е наспоредно со врутокот. Значи, збор е за поврзаност и истовременост како егзистенцијална сушност.
Потоа се случува без престан откривање, согледување и разбирање на светот во кој се брани животот истовремено како минлив и како траен. Свет сличен и различен временски, а сознателен во ограничен простор. Нагласокот не е на минливоста, различноста и ограниченоста, туку на откривањето, осознавањето, прифаќањето или отфрлањето како спротивставени на вредностите во надворешниот и внатрешниот свет. Од што најмногу зависи докажувањето на автентичноста на секоја личност.
Во една карпа под која од памтивек има вруток со големи букви е врежана следнава порака за секој што случајно или намерно ќе дојде до него:
„Како секој жив вруток на живот, и овој е еден од многу пред и по мали и големи, истовремени и последователни врутоци. Неговата вода е бистра, здрава, жива и истечна.За да го слушнеш и почувствуваш нејзиниот спокој, треба да престојуваш долго крај него. Ако може и да заживееш“.
Што се однесува на исчезнувањето, човек додека е жив треба да изумува колку од него самиот зависи дали своето ќе го почне веднаш, скоро или по некое време. Од друга страна, пак, да внимава кога, со која брзина и кон кои цели ќе го мине животот. Сеедно сам, заедно или одвреме-навреме со други. Притоа, никогаш и никаде да не заборави дека е помалку важен почетокот од динамиката и трагите што ги остава зад себе. Затоа што почетокот може да биде случаен, во, крај, пред или по вруток, но продолжението е помалку самоцелно одошто кон догледлива цел. Без оглед што во него се случуваат секакви, забрзани или забавени, континуирани или испрекинати процеси и собитија.
Со други зборови, неспорно е дека врутокот и исчезнувањето во секој човек се секогаш во егзистенцијална поврзаност. Не само за него како зародок, за неговото раѓање, постоење и траење, туку и за неговото непрестано творечко докажување до пред исчезнување. Впрочем, тоа е суштината на егзистенцијата на секој човек. Се разбира, секогаш треба да се има предвид жизнената одбрана од непријателите на човечкото во човекот, од атаците врз неговата лична слобода. Следствено од егоизмот, лицемерието, агресивноста, ненаситноста, од секаков обид да се угасне живородноста.
Во еден разговор со мојот пријател Цветан Боровнички, човек на мои години, еден од оние што на времето на сопственото траење гледаат како на судбинска поврзаност со природата и годишните доба, јас како Јас или Тој и Тој или Јас му одговорив вака на неговото прашање зошто врутокот и исчезнувањето на човекот не се едновремени:
-Знаеш кога се едновремени? Кога човек не мисли ни на својот вруток ни на своето исчезнување, а мисли на исполнување на времето и просторот меѓу две постигања, две случувања или две собиија. Притоа, тој најчесто не се ни обидува да ги домисли континуитетот на своето постоење и постојаноста. Слично како бесцелно движење напред, назад или стоење во место.
Ме допраша:
-А врската на личната и колективната слобода со народ на исчезнување? Остануваш на ставот дека тој не исчезнува при раѓање, во живот или пред смрт ако остава макар една неизбришлива трага на своето постоење, туку ако не се грижи за своите врутоци, нивните жубори, и не ги брани од секакви непријатели нивните пројави од дамнина до денес?
Му дореков:
-Да, да, тоа е егзистенцијалната поврзаност.
Мојот пријател Цветан Боровнички е човек на мои години. Ликовен уметник кој неуморно црта и слика, по пет-шест часа секој ден. Самиот не знае колку досега создал цртежи со јаглен и масла на платна.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ ЗАМОЛК ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 63





