Врутоците

Потребно време за читање: < 1 минута

Очигледно е дека тој почнал да исчезнува одамна. Може да се рече откога почнал да го согледува и разбира светот околу себе не како минлив сосе животот во него, туку како различен временски, а ограничен просторно. Можеби е поточно да се каже откога минливоста, различноста и ограниченоста почнал да ги открива, осознава, прифаќа или отфрла како спротивставени на неговиот внатрешен свет вредностите со кои се докажува автентичноста на личноста.

Од друга страна, треба секогаш да се има предвид дека како за сечие, така и за неговото исчезнување секако бил помалку важен почетокот, сеедно од кога е, отолку динамиката и трагите што ги оставил зад себе. Во тој контекст е нужно да се нагласат улогата и значењето на врутоците. Пред сè нивното чување, особено одбраната од непријателите на човечкото во човекот, како и од егоизмот, лицемерието, агресивноста, ненаситноста.  Од секаков обид да се угасне нивната животворност.

Случајно го открив ова кусо промислување на еден одамна исчезнат безимен поет за врутоците, испишано со црвени букви на карпа надвисната над подземен вруток на река понорница (негова крв?!):

„Ниеден човек кој му припаѓа на еден народ не исчезнува меѓу раѓање, живот и смрт. Исчезнува при раѓање, во живот или пред смрт. Само ако не остава макар една неизбришлива трага на своето постоење? Не, туку ако не се грижи за своите врутоци, не ги толкува, испишува, испејува и препејува нивните жубори. Ниту, пак, ги брани од секакви непријатели нивните пројави од дамнина до денес.

Јас се грижев за мојов вруток од раѓање. Исчезнав во невреме, додека постоев во живот. Нема да исчезнам сè додека не пресуши тој во мојата смрт“.    

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 12