Време за поезија

Потребно време за читање: 2 минути

Не може да не се сака поезијата. Всушност, поезијата никогаш немала, нема, ниту ќе има потреба од сакање. Тоа, пак, истовремено значи дека сакањето или несакањето немаат  никаква врска со поезијата. Особено не несакањето кое, пак, не значи одбивност или омразеност. Таа не е за сакање или несакање, исто како што не е за разбирање или неразбирање. Таа е за доживување во вистинско време за неа. Кое и какво вистинско?

Можно ли е да има посебно време за поезијата и како тоа да се дефинира?

Мој став: не дека не е можно, туку било, е и ќе биде секогаш за да биде, да постои и опстанува. Што значи дека ниту таа е можна без него, ниту тоа се „случува“ без неа. Со други зборови, времето за поезија е условено од времето на поезијата и од самата поезија, исто колку што нејзиното создавање е условено од него. Време за поезија во време на поезијата и време на поезија наспоредно со времето за поезија.

Се враќам на почетокот за да отфрлам едно одамна надминато мислење: поезијата не е да се сака или да не се сака, ниту е разбирлива или неразбирлива.

Таа е пред сè за доживување. Додавам: не на нејзиниот творец, самата е „резултат“ на тоа, туку на оној што ја воспрема или треба да ја восприми. Најблиско на ова е апстрактното сликарство; на апстрактната слика која секој нејзин „гледач“ ја разбира или толкува според сопствена (не)расположба, мисла, замисла, став, поставеност, знаење, спознавање, дури лична психофизичка подготвеност. Јас лично пишувам (и) таква поезија, дури ја назначив како посебен книжевен жанр-апстрактна поезија.

Сега не ми е целта критичко согледување или есеизирање на времето за поезија. Мислам и дека нема потреба од мене како критичар, есеист или творец. Само сакам да посочам на нужноста од такво време, заедно или наспоредно со времето на поезијата. Во најголема и непосредна и посредна врска со нејзиното доживување.

Најблиско со времето за поезија е времето за чествување на поезијата. (Некои одат дотаму што бараат при читање-рецитирање поезија читачот-рецитаторот да стои исправен односно да се однесува достоинствено.) А тоа е само по себе и треба да биде ограничено. Што е истовремено лично вистинско. Секој го има, откриено, „видливо“, препознаено или со предзнаци и знаци надојдувачко. И секогаш е предизвикувачко.   

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 71