Волја

Потребно време за читање: < 1 минута

Само добрини те следат дури си со добра волја. Кога си со лоша, тогаш и правиш и ти прават лошотии.

Ако не знаеш, научи дека добрата волја е секогаш со поголема сила од лошата. Зашто добрата е за и со добри дела, а поради лошата ништо добро нема ни на себеси да си направиш, ниту можеш да им направиш на други.

И ова да го научиш ем да го паметиш:

Луѓе со добра волја се секогаш добредојдени крај домашно и во родно огниште, а со лоша ни нивниот праг не им се дозволува да го пречекорат.

Волјата сама по себе е движечка и творечка сила кога е животворна. Може да се докаже и оти сама по себе го тера човекот да не стои долго, та предолго во место, до премалување на неговата снага. Никако да се обезуми, поготово не да се разнебити.

Кога е збор за волјата, јас никако не можам да најдам одговор на прашањево:

Може ли човек со добра волја да оди во чекор со човек со лоша; макар молчешкум, макар гледајќи се напоречки, макар со меѓусебно трпение и меѓусебно сомнение?        

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 176