29. Во длабок молк
Сè почесто и сè подолго
сум во длабок молк
како сама стена
среде распукана, сува,
среде мртва земја.
А уште не сум,
а уште не е.
Длабокиов молк
сосем се разликува
од сите други знајни
и оние доживеани,
преживеани
или одживеани
од искони до денес.
Тој е бесмислен,
тој е обессилен,
тој е рамнодушен,
тој е нечуен,
тој е неверен.
Добро е што уште
успевам да излезам
совреме од него,
во него да не потонам.
Како жив човек
пред исчезнување.