ВО НИЕДНО ДОБА, Бдение, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

16. Ископини

Еве ме на оваа пустошна земја
што беше моја сè додека бев
една од многуте искри ноќум
меѓу стени, меѓу облаци,
меѓу неизвесности
на брановни реки нескротливи.

Решен да ги откријам,
да ги протолкувам,
да ги осознаам ископините
од моето колку дамнешно,
толку блиско минато.

Ме восхитува упоритоста
да не им дозволат на секакви
ветришта и облачишта
да ги збришат, да ги онемат,
и на сонце и на месечина
да не се гледаат живи,
без значење и содржина.

Решавам сепак да не почнам
да ги откривам некое време
од мојава нова опстојба
помеѓу нив,
ниту да ги толкувам,
ниту да ги осознавам.

Решавам да поживеам
во нив.

Зашто сум сигурен дека
заедно долго ќе бидеме
искри во векови кои никој
не може да ни ги одземе,
па да ги прикажува
како дел од свои вистини.

Leave the first comment