1. Звуци
Секакви звуци се собрале
над мојот роден дом
без покрив, без праг,
без ѕидови, без прозорци,
без врати, без скали,
без спомени, без корени.
Во кој сум само јас
сѐ уште жив,
а живите пред мене
не оставиле траги
за постоење во нивно,
во наше време.
Само јас ги слушам
обидувајќи се
да одгатнам кој е, каде е
нивниот извор.
Звуци на бдение,
звуци на сомнение,
звуци на страдание,
звуци на спознавање
на љубови и самости.