6. Ненадеен ветар
Се раздувал некој
ненадеен ветар
низ ѕидини урнати
во последна војна,
а никој не знае
ни од која
страна на светот
ни од чие
време или невреме.
Најважно од сè
е дека на сите им е
ненадеен.
Со денови и ноќи
не им успева
да се справат
со него
како со други.
Ту е силен, ту слаб,
ту е лут, ту блажен.
Се собраа мудри
и опитни луѓе
околу оган
за спокојна
и длабока мисла,
па по долго
промислување
решија
да го заробат
во издив
на последна смрт.