-Сè се знае за државата и општеството. И речиси сè, да не речам баш сè во врска со нив. Од Платон до мнозина по него и од мнозина пред него. Кој не знае, може лесно и брзо да научи. Сè за нив има на Интернет. Да не зборувам за вештачката интелигенција,-ѝ вели на Кирјана Симоска, негова колешка од блиско заедничко бизнисменско минато. Долго не се виделе, па ја покани на кафе-средба.
Таа низ насмевка:
-Да, но јас познавам многумина политичари кои не прават разлика меѓу нив. Ги мешаат. Неретко зборуваат за општество мислејќи на државата, и обратно.
Тој рамнодушно:
-Тоа е нивен проблем. Има такви не само меѓу нив, туку и меѓу учени. Не вреди да им се објаснува…Да не трошиме време од нашево на таа тема.
Кирјана Симоска се замисли, па со решителен глас весело му се спротивстави:
-Сепак да потрошиме малку. Често се прашувам, па е ред да ми одговориш зошто одбиваш да бидеш политички ангажиран.
Тој се замислува, па ја прашува сомничаво:
-Ти си ангажирана?
Без размислување му одговара:
-Знаеш зошто не сум и немам намера? Затоа што во нашава држава и нашево општество не гледам никаква перспектива. Нашава држава водечките политички елити никако да ја стокмат како ефикасен систем, со затврдени слободи, права и одговорности. Се разбира намерно, дека тоа не им одговара. А нашево општество, поточно нашава заедница тргнувајќи од нашите семејства воопшто не се труди да се организира за пристоен живот, со јасно разграничување на вредностите и трајностите од безначајностите и минливостите. Што значи со критериуми кои се темелат на знаење и искуство.
Тој ја ислуша внимателно, испи голтка кафе, па ѝ рече:
-Токму затоа и јас. Кога јас би одлучувал, државава и општествово не би ги развивал едновремено и наспоредно. Особено не обете радикално. Можеби и со поделба на власта не како израз на демократијата, на законодавна, извршна и судска, туку извршната да владее со државата, како политичка власт, а законодавната и судската со општсетвото, заедно со граѓански организации, како власт на избрани умни, учени, опитни и авторитетни личности. Се разбира, јас и ти во владеењето со општеството.
Таа:
-Тешко остварливо.
Тој:
-Не тешко. Невозможно.
Ја продолжија кафе-средбата со навраќања на моменти и случувања од нивното блиско заедничко бизнисменско минато.
Кога се врати дома, седна пред компјутерот, го отвори фајлот „Жива мисла“ и во него до доцна во ноќта запишуваше мисли и ставови за државата и општеството:
Штом државата владее со луѓето, таа нужно забрзано изумира.
Државата е ограничувач на слободите и правата како на единката, исто така на заедницата. Колку е поголем ограничувач, толку е таа понечовечка.
Државата го лаже и злоупотребува општеството. Таа е зло против нејзиното добро.
Државата не му обезбедува пристоен живот на општеството. Напротив, него го оневозможува, го урнисува, го ништи, го ограничува. Општеството, пак, создава и гради достоинствен живот како за единката, исто така за заедницата. Колку што не ѝ дозволува на државата да владее со него.
Колку повеќе владетели, толку подемократска држава.
Општеството создава вредности кои ѝ обезбедуваат прогрес на државата.
Силна држава и богато општество не опстануваат долго заедно.
Државата најдолго изумира или ќе умре последна.
Државата не е ништо друго, освен систем на рамномерно и рамноправно функционирање во сите сфери на животот.
Во општество ред и поредок во согласност со природата.
Првата поделба во просперитетно општество не е на луѓе богати и сиромаси, туку на добри и лоши.
Човечкото општество се развива брзо или забавено постојано соочувајќи се со спротивности, како што се виделината и мрачнината, разумот и страста, ученоста и неукоста.
Општество или заедница-за заедничка живеачка на секој и на сите.
Прва причина за живот во заедница е одбраната на животот и негов постојан напредок.
Државата се потврдува себеси со можностите што ги создава за дејствување и создавање на секоја индивидуа и на секој колективитет. Не за бесмислено живуркање.
Страховладеењето со државата е за злоупотреба и кражба на општествените добра.
Доброто владеење е во името на народот, со народот и за народот.
Власта се докажува како успешна со добро владеење, а доброто владеење е за добробит на сите.
Во успешна и просперитетна држава спокојни, ведри и среќни луѓе.
Кога почнува одумирањето на државата видливо за сите? Никогаш. Историјата учи дека таа умира наеднаш или ненадејно.
Држава за секој, општество за сите.
Може општество без држава? Може во свет без држави.
Не ја поистоветувај државата со твојата земја. Во минатото твојата земја можеби била поголема или помала. Процесот на прекројување на светот според интересот и влијанието е во полн ек.
Јак државен апарат-слаба држава.
Владеењето со државата на крајот на краиштата се сведува на владеење со парите на народот.
Борба за слободи и права во држава-нивна одбрана, остварување и напредок во општество.
Нефункционалноста на судската власт и неказнивоста брзо доведуваат до тиранија и мракобесие.
Држава со натурена, послушна, предавничка и платеничка власт неминовно се уништува однатре.
Државната и општествената заедница се стремат кон добро на луѓето, но државната едновремено и кон моќ над луѓето.
Општество без слобода и држава без правда се бескорисни и за единките и за заедниците.
Борбата за промена на власта во една држава создава неред, а потоа следи борба за воспоставување нов ред.
Моќната држава е неостварлив сон на секој моќник.
Неодговорна државна власт најмногу се плаши од авторитетот на умните, зналците и искусните.
Човекот е човек и на власт и надвор од власта.
Омразата на власт на една држава спрема друга ги турка обата народа во бездна.
Што подалеку од власт која од ден на ден се богатее сè повеќе.
Нема демократија во држава со власт која не ја контролира народот.
Најмоќна, најсурова и најбезочна е државата со мафија на власт.
Најголеми моќници на власт во мафијашка држава: се проститутки како дами и мафијаши како господа.
Со државата треба да управуваат што е можно повеќе компетентни луѓе, за владеењето да биде од што помалку владетели. Така е кај што се има предвид суштинската разлика меѓу владеењето и управувањето.
Држава се сите оние од кои таа зависи.
Слободата во една држава е за сите кога законите се еднакви за сите.
Прави луѓе на прави места за ефикасно управување со државата. Што се однесува на владеењето со неа, законите не се праведни, дури се тирански кога ги спроведуваат несоодветни луѓе.
Државите живеат овде и денес, секогаш со развојна стратегија.
Непријателски држави ги ништат сопствените народи.
Поради будали на власт паметни заминуваат што подалеку од државата.
Општесвото го подобрува животот на поединецот за да им биде подобро на заедниците.
Општеството се развива со развивање на заедништвото.
Вистината најмногу ѝ помага и ја брани слободата во општеството.
Од квалитетот на животот најмногу зависи кохерентната целост на општеството.
Заедништвото, спомагањето и споделувањето се во темелот на стабилно и напредно општество.
Во стабилна и напредна држава духовноста е над материјалноста.
Лозунг на модерно општество:
Еден за сите, сите за секого.
Човекот е стожер на општеството и на владеењето со државата.
За татковината секако се бориш и во неа и далеку од неа.
Светот треба да биде интегрирано општество со суверени држави, народи и нации.
Со држава треба да владеат луѓе докажани како слободни, чесни, свесни и совесни.
Слободата во едно општество е и прифатена лична одговорност.
Општество во кое секој го работи она за што е способен. Во држава сите работат за себе и за заедницата.
Неморалот и беззаконието ја доведуваат државата до пропаст прекуноќ.
Лесно е да се биде власт во држава во која доволноста и квалитетот на животот ги прават среќни нејзините жители.
Заповедаат надмоќни владетели.
Во развиено општество среќни и заедниците и поединците.
Туѓински платеници, изроди и предавници-тоа се најголеми внатрешни државни непријатели.
Власт без доверба од народот господари ропски со него.
Довербата во власта и нејзиниот интерес меѓусебно си противречат.
Грешките на државниците или макотрпно се поправаат или се непоправливи.
Во владеењето со државата најлесно се воочува разликата меѓу итроштината и мудроста.
Општество за едновремена заштита на личниот и заедничкиот интерес.
Успешна власт: сè смислено, осмислено, одмерено и предвидливо.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 46



