Долго дуваше од сите четири страни на светот и навалуваше на човекот на ветромет. Сè додека тој не научи да го препознава и да го прифати како свој. Потоа светот да го научи како човек на ветромет со свој ветар.
Зар може да има ветар само за еден човек, па уште и препознаен од него како само негов?
Човекот одговараше дека суштината на препознавањето е заедничката сила. Силен ветар и стамен човек на ветромет.
Уште едно неодминливо прашање: дали силите им се еднакви или одвреме-навреме ветрот е посилен од човекот, а одвреме-навреме човекот посилен од ветрот?
Човекот одговараше дека суштината на неговата и силата на ветрот, препознаен како само негов, е дека се заедно на ветромет.
Никој нивен близок веќе не памети дека ветрот и човекот исчезнаа во едно ниедно време.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 3