Многу непознаници за него што треба да се надминат:
Станува збор за обид за книжевно изразување на потсвесни процеси, односно процеси на човечката свест во кои мислите и чувствата не се рационално артикулирани, немаат логичка, граматичка и хронолошка среденост, па се прикажуваат во формирање или се редат во слободни асоцијации.
За разлика од доживеаниот говор, внатрешниот монолог тече во прво лице; но и покрај тоа, тој не е превосходно елемент на надворешната форма, туку и елемент на внатрешната форма: доминацијата на субјективната свест над реалноста не се огледа во внатрешниот монолог само во аголот на раскажувањето, туку и во начинот на излагањето кое нема строго рационална структура. Најпосле, во ова е и основната разлика помеѓу внатрешниот монолог и солилоквиумот, кој исто така ја одразува драмата на индивидуалната човечка свест и потсвест, но кој е претежно организиран во разбирливи и правилни граматички и рационални структури.
Уште во 1856. година Чернишевски укажува на примери на внатрешен монолог кај Толстој, истакнувајќи дека во нив не се прикажуваат само готови резултати на внатрешниот живот, туку и „таинствени процеси на формирање на мисли и чувства“.
Како ознака на карактеристична постапка во модерниот роман, терминот внатрешен монолог влегол во широка критичка употреба непосредно по појавата на Џојсовиот Уликс во 1922. година. Зборувајќи за разликата помеѓу Џојсовиот „Портрет на уметникот“ и „Даблинци“, францускиот критичар Ларбо истакнува дека „внатрешниот монолог и дијалогот го заменуваат раскажувањето сѐ повеќе и повеќе“ кај Џојс, со што на тој начин се наоѓаме сѐ повеќе „во суштината на мислите на одделни карактери“, па така „гледаме како тие мисли се формираат, ги следиме и им помагаме да допрат до нивото на свеста“.
Самиот Џојс укажувал на слична постапка во малку познатиот роман на Дижарден „Ловорите се исечени“ од 1887. година: од „првиот ред“, вели Џојс, Дижарден „го приковува читателот во светот на протагонистите“, а „вообичаеното објективно раскажување“ го заменува со „непрестано одвивање на мислите“ на фиктивното лице. Во 1931. година Дижарден ја објавил својата студија „Внатрешен монолог“, во која внатрешниот монолог го одредува како „некажан говор со помош на кој некоја личност ги изразува своите најинтимни мисли, и тоа оние најблиски на потсвеста, без оглед на логичното организирање на мислите-т.е. мислите во нивната изворна состојба-по пат на директни реченици сведени на ситаксички минимум, и тоа на тој начин што се добива впечаток за репродуцирање на мислите токму онака како што тие се јавуваат во свеста“. Наскоро слична постапка е забележана и кај англиската романсиерка Ричардсон, чии дела се објавени непосредно пред појавата на Џојсовиот „Уликс“.
Местимично се најдени примери на внатрешен монолог и кај низа постари романсиери (Стерн, Дикенс и др.)-иако според мислењето на некои критичари тие примери претставуваат повеќе опис отколку вистинско јазичко отелотворување на алогичноста на човечкото мислење и чувствување.
Освен Џојс, со методот на внатрешниот монолог односно текот на свеста (како што оваа постапка обично се нарекува во англосаксонската критика) се служел мошне успешно и Фокнер.
Оваа книжевна потапка во модерниот роман обично ја воведува структурата на субјективното психолошко време, а ја исклучува структурата на механичка хронологија (времето во книжевноста), го слика човечкото психичко постоење како непрестан тек на една единствена, но крајно изолирана индивидуалност. Во исто време, внатрешниот монолог ги брише границите помеѓу перцепцијата и сеќавањето, сегашноста и минатото, и ги прикажува како подеднакво стварни и условни; како исчезнувањето на ретроспективниот раскажувачки посредник помеѓу протагонистот и светот да го изразува пред сѐ чувствувањето на несознатливоста и „несигурниот свет и живот“ (В.Кајзер).
Меѓутоа, така прозните структури откриваат нови, неслутени можности, се ослободуваат од конструктивното значење на фабулата и карактеризацијата, градат некоја самосвојна поетика на сугестијата, на сложени алузии во кои и најништожните поединости на некој имагинарен современ момент се проектираат понекогаш во свет на митови и легенди на минатото, па така по пат на внатрешен монолог она што на прв поглед може да изгледа до ексцентричност особено открива некоја своја подлабока универзалност.