Се случи јас, Франц Кафка и Марсел Пруст мигум да се сретнеме пред една урнатина. Каква урнатина? На што? На Кафка му заличи на урнатина на замок , на Пруст на благороднички дворец од минато изгубено време, а јас:
-Можеби личи и на замок и на благороднички дворец, пријатели мои, но е детално откриено и осознаено дека станува збор за тврдина со јасни назнаки, белези, знаци и симболи на од неодамна исчезнат исконски народ.
И Франц Кафка и Марсел Пруст не криеја дека се многу изненадени, а Пруст изрази и неверување:
-Велиш од неодамна исчезнат народ?! Можно е тоа во ова модерно време?!
Кафка замислен:
-Мене урнатинава воопшто не ми личи на некогашна тврдина. Можеби само затоа што било здание на извишено место, над разурнатиов град од последната војна. Не гледам остаток од последен бастион…
Јас решително:
-Јас ви го кажав она што го знам, а вие гледајте ги и толкувајте ги урнатиниве како што ви одговара.
Марсел Пруст побара:
-Чекај, најдраг наш пријателе во светов на исчезнатите големи и дребнави луѓе. Не можеме натаму по овој каменит пат, низ кој со векови минувале војски и народи, ако не сме начисто во врска со народот за кој велиш дека неодамна исчезнал.
Моите последни зборови:
-Ова се урнатини од тврдина на од неодамна исчезнат исконски народ на кој му припаѓав и јас. Тврдината била разурната последна во војна за гол опстанок на човечкото во човекот. Против војски што ги обединила една злосторничка цел: непречена безочна експлоатација на природни богатства и сегашност без минато и иднина.
Каменитиот пат минуваше среде урнатините на тврдината. Со забрзани чекори ја оставивме зад нас.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 48