Потребно време за читање: 2 минути

Мара се упокои мирно и тивко. Забележано само од ближните-синот, снаата, внукот и внуката. Нив толку ги изненади, што им требаа неколку часа за да се соземат и да почнат да ја жалат. Сосе потиснато утешение дека проживеа доволно години. Повеќето тешки одошто во радост и задоволство. Добра душа на која Господ ѝ се смилува и ја прими во царството небесно како светлосен зрак. Како што нагласи попот на закопот, Господ и спрема неа се докажа милостив и ја одбрани од мачна умирачка.

Во доцен попладневен час Мара му се пожали на синот Мирослав дека не ѝ е добро. Се чувствува малаксано, па ќе прилегне. Тој ја придржи до нејзината соба, ѝ помогна да легне во постелата, а таа со благо движење на главата побара да ја остави сама. По еден час снаата Надежда отиде да ја праша дали ќе им се придружи на вечерата. Ја најде мртва и ладна.

Со упокојувањето Мара однесе со себе многу свои добрини. Кои штедро ги споделувала со сите ближни и далечни со кои имала каков-годе однос во својот земен живот. Како секој друг сличен на неа, и таа секако имала секакви приклученија, надминати или одбиени.

Прочитај и за ... >>  Искрено

Малку е знајно за нејзините секакви љубови во животот. Малку дури за нејзиниот животен сопатник Андреј кој отиде во неврат по долго боледување и нејзино измачување.

Додека е жив, Мирослав нема да ја заборави нејзината исповед во момент на навраќање на состојби, проблеми и неизвесности во нејзиниот брачен живот со Андреј. Исповед на ден пред нејзиното упокојување:

„Јас не го сакав татко ти. Мислам дека не ме сакаше ни тој мене…Што знам, можеби не знаеше да искаже и докаже љубов…Сепак, мислам дека имавме успешен, исполнет и осмислен брак. Цел заеднички живот семејството ни беше најважно. Мислам дури еинствено важно.

Андреј воопшто не беше нежен маж, но не беше ни груб. Не беше агресивен. Напротив, можам да потврдам дека и дома и во својата работна средина беше вистински мироносец…Не, не беше нежен спрема мене. Беше наметлив, сал неговото да се слуша и почитува. И кога бевме само јас и он, и кога бевме во друштво често полусериозно нагласуваше дека од него најмногу зависи сè меѓу нас. Деко е он „одлучувачкиот фактор“. Мислам дека тој негов однос најмногу му помогна во кариерата, авторитетноста и уваженоста.

Прочитај и за ... >>  Палава игра

Никогаш не сум го изневерила. Неколку симпатии и љубови имав пред да се запознаеме, но откако заживеавме заедно за мене освен него веќе не постоеше друг маж како маж. Тој? Не знам…Навистина…А и не ме интересираше.

Се разболе неизлечиво и буквално ми се препушти…Големи маки истргав со него…на смртна постела. Ти беше во Америка, па не знаеш…Се повратив откако ти ми се врати сосе семејството и заживеав со вас.

Зошто никој не ми се јавува да сподели свое време со мене? Зарем сум немала ниедна пријателка или пријател, другачка или другар? Сум имала во детството и младоста, но сме се заборавиле. Имав две најдобри стари пријателки и еден стар другар…Хаха, велиш дека нема разлика меѓу пријател и другар? Добро, нека е така…Што се случило со нив? Како што?! Што може да се случи со стари? Починати се“.                  

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 60