Убавината

Потребно време за читање: < 1 минута

-Ја сакам убавината.

-Ја сакаш?!

-Ја сакам. Нешто не е в ред?

-Јас не ја сакам додека не ја откријам, не ја осознам нејзината сушност и не ја сопоставам на претходни, веќе осознаени и прифатени односно заживеани во мене.

-Тоа е нешто друго. Пристап, критериум, вреднување. Кога велам дека ја сакам убавината, тоа значи дека останувам на самиот почеток на нејзиното воспримање. Исто како што е убав животот во, со, за и меѓу убавини. Од секаков вид. Не велам дека убавината може да се сака без да се препознава.

-Сакаш да кажеш дека таа никогаш не живее сама за себе. Жива е кога е жива за луѓе. Пред сè за убави. Не ја прифаќам девизата на Теофил Готје L`ar pur l`ar, имено дека уметноста треба да постои само поради уметноста, а никако не средство или цел кон нешто друго. Тоа најпрвин најпрвин значи негирање токму на сакањето на убавината. Убавината како уметност.

-Остави го сега тоа. Ме наведуваш да размислувам за естетското воопшто, посебно за естетското и вредноста, естетското во трајноста, естетското како суштина на создаденото и создавањето…Јас воопшто не сакав да те предизвикам за што било со тоа што реков дека ја сакам убавината. Едноставно ја сакам, и толку. Не надворешната, надвор од човекот, површинската, видливата, туку внатрешната, во него, длабинската, загадочната. На пример твојата.

-Ја сакаш мојата убавина?!

-Не знаеш? Не знаеше досега?…Се сомневаш?

-Не тоа, туку…Ме збунуваш со тоа што го истакнуваш тоа…Добро. Драго ми е.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 3