Творец

Потребно време за читање: 2 минути

-Јас сум творец.

-Да, знам.

-Што знаеш?

-Па тоа. Ти си творец.

-За тебе творецот е како секој друг? Обичен?

-За мене творецот е творец. Обичен или необичен. Бидејќи творецот е човек како секој друг, творецот е човек.

-Ама логика…

-Нели.

-Знаеш зошто ти нагласувам дека сум творец, а творецот не е како секој друг? Затоа што човек не станува творец со тоа што ќе реши да стане. Одреден е од Бога да биде, а се долкажува како творец со постојано, деноноќно творење.

-А бре, ти се мајтапиш со мене? Ај доста!

-Зошто да се мајтапам? Ти кажувам дека сум творец и само е тоа причина зошто ништо не ми значат општествениот статус, позицијата и материјалната страна на животот. Но…

-Знаев дека на таа воденица ја вртиш водата…Не ти значи, но ти е неприфатливо, не си задоволен, дури си гневен што кај нас материјалноста тотално ја порази духовноста, поточно креативноста…Добро, продолжи. Сега е на ред кој тоа го направи или го овозможи. Кој друг, ако не власта во државата. Па ќе го нагласиш разурнувањето на системот на вредности, медиокритетството, партизацијата и политикантството. За на крајот со длабока разочараност да заклучиш дека ништо не правиме и немаме никаква  перспектива затоа што творците и нивното творештво се последната дупка на шупелката…Знаеш што? Јас ти се восхитувам и ти завидувам дека како творец не ти значат ништо општествениот статус, позицијата на која моментно си и материјалната страна на животот.

-Заврши?

-Завршив.

-Е, сега слушни и запомни што ќе ти речам. Не зашто е некоја мудрост, туку токму поради материјалноста која тотално ја порази духовноста, поточно креативноста: духовноста односно креативноста е единствената која го докажува човекот во човекот. Секој е човек, но човекот е човек само ако е творец, кога креативноста му е главен предуслов за негов личен опстанок. Со други зборови, тој самиот не дозволува материјалноста да надвладее во неговиот личен свет.

-Слушнав, разбрав, запомнив. И што?

-Ништо!

-Добро…Извини што те извадив од такт…И јас мислам дека творците треба да бидат ослободени од товарот на материјалноста. А пред сè друго да им се обезбедат слободно творење и постојано присуство на нивното творештво во секојдневниот живот. Но, е како што е и ќе биде уште долго…Знаеш, ми се допаѓа тоа што го рече за духовноста, поточно креативноста…Дека таа го докажува човекот во човекот.

-Биди поздравен.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 11