Нема трпеливост без умност и подготвеност да ги прифаќаме различностите меѓу луѓето какви што се, не какви што нам ни требаат или ни соодветствуваат. Мора да ја има бидејќи двајца може да се слични, но никогаш во сè, за сè и пред сè исти.
Трпеливоста е нераскинливо поврзана со меѓусебното почитување и разбирање на различни потекла и култури. Што, пак, истовремено значи и слободоумност и емпатија.
Кои се причините за нетрпеливоста? Одамна се осознаени, согледани и промислени: предрасудите, дискриминацијата и стереотипите. А последиците? Најголеми, најтешки, неретко трагични, неретко смртни: омразата и насилството.
Добивка од нетрпеливост?! Да, несомнено. И тоа најмногу за политиката на раздор, раслојување, екстремизам, национализам, расизам, фашизам. Најмногу добивка за политичарите кои нетрпеливоста ја сведуваат на омраза затоа што во заедништво, во соживотот се оневозможуваат како такви.
Од што најмногу зависи трпеливоста? Најмногу од културата како лична и општествена сила. Која ја докажуваме како владеење со себеси . Како начин на живеење и опстанок. Со вредности.
Знаеме да бидеме трпеливи и да истрпуваме нешто или некого? Прашање чиј одговор секогаш најмногу зависи токму од вредностите: тие ни се допаѓаат исто или речиси исто колку нашите. Наше однесување.
Не мораме ни да прифаќаме ни да цениме ништо што е спротивно на нашите вредности, но никако да сме нетрпеливи. Да ги почитуваме како различности за и во единство.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 197