Тој и таа секогаш и каде било заедно. Не деноноќно, туку во нивно, заедничко време. Значи, не се во свои? Се разбира.
Таа:
-Сакам да ми зборуваш за љубовта.
Тој:
-Што за неа?
Таа:
-Што-годе.
Тој:
-Не знам што. Сè е речено и запишано за неа. Од кого сè не. И од големи и од мали луѓе…Да не сакаш за нашава?
Таа:
-Може, ама не за како наша.
Тој:
-Разбирам…Не знам што…Нема што…Од она за неа што е наше заедничко?…Добро…Љубовта е живот, исто колку што е животот љубов. Со други зборови, нема живот без љубов исто како што нема љубов без живот.
Таа:
-Тоа ми се допаѓа. Продолжи.
Тој:
-Нема ни раѓање ни умирање без љубов. Значи, љубовта раѓа и умира.
Таа:
-Сакаш да кажеш дека сè живо и мртво на светов е од љубов, со љубов, за љубов и во љубов?
Тој:
-Кажав…Мислам дека најважно од сè во врска со љубовта како нашава е непорекливоста на нејзината убавина. Секоја љубов е убава зашто нема убавина без љубов.
Таа:
-А што е со нејзиното траење?
Тој:
-Ништо не е. Трае и ќе трае додека трае. Запомни од мене: ќе трае уште долго и ако престане.
Таа:
-Може да престане?
-Поради нешто престанува, но јас мислам дека не може да престане. Особено ако е како нашава.
Таа:
-Каква е нашава?
Тој:
-Жива и животворна во тебе, во мене и во нас.
Продолжуваат прегрнати по песочен брег на море на зајдисонце.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 28