69. Право-Правда-Правичност
Без право ништо право за мене, за тебе, за нас. Правото отсекогаш било, е и ќе биде темел на државата кој во себе ги саодржи слободата, слободоумноста, демократијата, организираната заедничка живеачка. Правна држава не значи ништо друго, освен функционална заедница која еднакво се грижи за поединецот, неговото место и значење, и за постоењето на колективот.
Правото најпрвин значи обезбедување правда за секого. Секој е еднаков пред законот, исто како што е секој еднаков пред друг еднаков; исто и како што мора да има можност да се брани сам или да го бранат негови застапници. Во правда се живее, во неправда може само да се живурка како да се умира.
Правично/праведно е секој да биде што е, и рамноправно и рамносилно да се биде со секој близок, далечен, соседен, несоседен. Од сè за правичноста/праведноста најважни се свесноста и самосвесноста.