ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 66

Потребно време за читање: < 1 минута

Успех-Неуспех-Победа-Пораз

Успех е личен и заеднички со други. Личен благодарение на заеднички, заедничкиот од лични на двајца-тројца, дузина, многумина. Успеси мали, успеси големи. Малите за некого големи, големите за некого мали. Големите никогаш доволно големи, малите за едни до големи, а за други малите доволни. Успех како победа, успех победа.

Секој неуспех е или конечен пораз или продолжение до успех. За едни многу неуспеси до успех, за други неуспеси до неуспеси без догледлив успех. Неуспехот поттикнува да се продолжи, да се турка напред? Да, ако се има сили да се надмине, да не му се подлегне, да не омалодуши. Не поттикнува, не турка напред ако се истрошила, ако премалила снага, ако веќе се нема ум како натаму или се нема подготведност да се продолжи макар по следен неуспех.  

Во животот не се победува, туку се поразува сопствената минливост. Со збор и дело, со создадено во создавање. Секоја друга победа засега туѓ живот во одминување и значи пораз на дел од сопственото време и опстој.

Не ги сакам ниту победите, ниту поразите. Го сакам натпреварот за подобро, понапредно, пожизнерадосно.