51. Ука-Учење-Наука-Знаење
Ништо без ука, учење, образование, наука. Ни живот со богати, ни напред се оди. Кој мисли инаку, сè назад се враќа.
Со учени луѓе и небото се освојува, а со неучени ни своето време не можеш да си го освоиш. Набрзо ќе те освојат, ќе те поразат, за достоен да не си им.
За уката и науката се рекло дека ништо не може да ги запре во потрагата од старо до ново, од дамнешно до денешно и утрешно. Но, еднакво и во откривањето на неоткриеното, неодгатнатото во светот, во сè околу нас, во нас и со нас.
Уката и науката им се достапни на сите со сознаеното-дознаеното, со употребното-потребното. Зашто се дел од неа и уката и поуката, и светогледот и догледот, и опитното и неопитното.