ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 45

Потребно време за читање: < 1 минута

45. Лутина-Гнев-Бес

Многу нешта нè лутат и не нè оставаат спокојни. Добро е додека ја зауздуваме лутината, додека се воздржуваме да не ни се излее во гнев. Без оглед оти тие што ја предизвикуваат многу не мислат на последиците. Ако се случи да пукнеме од лутина, ќе немаат време за мислење.

Оправданата лутина отворено искажана е всушност предупредување за оние што грешат. Па и безразложната само се чини таква.

Прва е лутината, а по неа гневот-бесот? Или се исти, а во покажувањето на силата различни? Повеќе ќе да е второво. Првото е како различни, лутина за себе и гневот или бесот за себе. Та ниту е таа по него, ниту тој по неа.

Имено, човек се лути помалку или повеќе и со време ќе си ја стиша лутината. Но, гневот или бесот често го вади од тактот. Му ја разнишува самоконтролата, самодовербата, па може да стори нешто што без него никогаш не би ни помислил.

Затоа лутината ако ја покажуваме. Само не да ја докажуваме, да ја истураме врз човек кој со ништо не ни ја предизвикал.  Затоа гневот или бесот е прв за промисла, за умност од сите страни.