ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 34

Потребно време за читање: < 1 минута

34. Здодевност

На оној што навикнал залудно да си го троши времето, секоја работа брзо му станува здодевна. Потонал во сопственото безделничење и сè повеќе им станува здодевен на оние што не можат без промени, без менување на ритамот на живеачката.

Ништо добро кога сè станува очајно здодевно. Очајот од здодевноста е болест што се боледува до умирачка.

Тешко на оние на кои животот им здодеал.

Лесно со здодевните. Само да не им дозволиш да ти се качат на глава. Навреме тргни ги од себе, кажи им и покажи им навреме колку се здодевни и дека како такви не се за ништо. Навреме кажи им дека нема да бидат она што се надеваат и оти со својата здодевност ништо не можат да постигнат.

Здодевноста навалува во невреме. Никогаш во време. Во невреме не очекувај да те побараат оние на кои некогаш си им се нашол при рака. Зашто си милувал и милуваш да бидеш многу повеќе со себеси.

Вгради се во стварноста, во сега и овде, но не без твоето и заедничкото вчера за утре. Без нив немаш континуитет и немаш идентитет, па не некогаш ами секогаш ќе им бидеш здодевен на блиските и далечните. И не си, и нема да бидеш свесен колку не си внимателен, колку си нетрпелив и незадоволен од сè околу тебе и во тебе.

Да, здодевноста е една од најголемите опасности во нашиве цивилизациски услови што навалува, што ја деструира и ја (само)унижува личноста, нејзиниот интегритет и идентитет. Освен ако духот во тебе, оној творечкиот нешто значи.