ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 20

Потребно време за читање: < 1 минута

20. Забрана

Најпрвин посега по забрана оној што е немоќен сам или со помош на други да надмине нешто со последици; кои, пак, предизвикуваат други, повторливи и нови. Најмногу кога е збор за однесувањето и меѓусебните односи, сеедно дали се блиски или далечни. Пред сè несоодветното однесување. Станува збор за спротивно на затврдено, секојдневно, прифатено, прифатливо, дури нестандардно.

Забраната сама по себе е или тешко прифатлива или е сосем неприфатлива. Затоа што ограничува, не дозволува, казнува. Затоа што загрозува. А без неа не се може. Се знае: без забрана надвладува самоволието кое, пак, во исто време ја предизвикува самоконтролата.

Секакви забрани во животот, во нашето секојдневје, во нашето дејствување. И помали и поголеми, и мали и големи, и најмали и најголеми. Сите помалку или повеќе ги ограничуваат личните слободи. Сите слободи или само некои од нив? Да не само една?

Според својата суштина, забраната отсекогаш ја загрозувала и ја загрозува личната слобода; која загрозува или надвладува друга.

Не е можна и е недозволива никаква забрана на творечката слобода.