10. Задоволство-Незадоволство
Кога ќе почнат промени, кога ќе те обземат со својот ритам, секогаш си помеѓу задоволството и незадоволството.
Задоволен си оти ти одговараат, добиваш со нив и од нив. Во загуба не си, а може и да станеш еден од оние што ќе ги продолжат до нова цел, до нов квалитет на животот.
Поради незадоволство ништо не ти оди од рака. Ништо не ти е право. Никој не знае и не може колку што знаеш и можеш ти.
Но, што вреди кога секој си го гледа само своето и да биде во кругот на оние што местат и разместуваат? Поради незадоволство дури и нервите не си ги контролираш, не умееш да си ја одбраниш личноста. Не вреди.
Од задоволство со секого можеш да играш и пееш, да се радуваш и да се смееш. А кога ќе ти се стемни пред очи дури да зборуваш забораваш.
Затоа труди се, ако треба мачи се темнилото да не ти падне. Ако, не успееш, ако ти падне, те обземе, те покрие, не му давај да те ослепи во денес сосе утре.