Се распространила тишина
во недоглед на сите страни
во сè и во секој што има
многу недоречено
за некое друго време
за нечие друго.
Препознатлива е според
ширината длабината
според суштината
на постоењето во простор
дамна празен
дамна без ништо видливо
ниту со нешто сознателно.
Единствена тишина е
што заминува
од ниедно доба на ден
па се враќа
во ниедно доба на ноќ
нечујно
едвај забележливо
бавно или наеднаш
па премалува па заробува
последна жива сила
скаменета.
Ништо не ја разнишува
ништо не ја поколебува
ништо не ја разбранува
дека е решена да трае
неизвесно долго
можеби засекогаш
во мигновен молк.
Една единствена тишина
во мигновен молк.
Се изделува од сите
знајни и незнајни тишини
со содржината во срцето
што за спокој го сокрила
среде говори на народи
кои или исчезнале
во нечие меѓувреме
или се оддалечиле
едни од други толку далеку
што да не можат никогаш
да се сплотат
во нова сила нескротлива.
Време е да влеземе заедно
во тишинава
со многу недоречено
за некое друго време
за нечие друго.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Сетне, поетска инсталација, 55




