ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

10. Слабо срце

Стојмир имаше слабо срце. Со години, со децении, ни самиот не знае точно од кога. Не памети кога првпат почувствува и осозна дека му е слабо. Не е уште од дете и од младешките години. Како дете играше со деца без престан, еднакво со сите и без никаков умор. Како момче, на петнаесет-шеснаесет години пливаше мошне интензивно, дури се зачлени во пливачки клуб и цела година тренираше секој ден два часа. Стана мошне јак, мускулест, исправен, висок.

Помисли дека нешто не е в ред со неговото срце кога како дваесет и двегодишник заедно со колешки и колеги студенти по право искачи висока стара планина на чиј врв сонцето никогаш дотогаш не му било поблизу. Прво му се забрза дишењето, потоа го губеше и одвај го враќаше здивот, па почна да го жега, да го боде во градите. Мораше да седне. Колегите го гледаа зачудено, што ли му се случи наеднаш, што му се случува. Се подисплашија, го кренаа на раце, го однесоа во соба во планинарскиот клуб и го легнаа в кревет. Се напи чај, една од колешките му даде некое апче за смирување. Брзо заспа, спиеше три-четири часа, а кога се разбуди стана, се исправи на нозе и веќе не му беше ништо. На колегите и колешките им одговори дека не знае што му стана, веројатно умор од искачувањето, а сигурно го замелуши сонцето кое никогаш дотогаш не му било поблизу.

По тоа случување долго време немаше никаков проблем, ќе да имаше седум-осум години. Сосема заборави на ненадејноста на врвот на старата планина кога едно утро пак ненадејно, сосем неочекувано го разбуди жегање, бодење во градите, забрзано. Беше зазбиван, сиот облеан со жешка пот. Левата рака му беше здрвена и го болеше. Се исплаши. Стана, одвај се исправи, најде некое апче за смирување, па му се јави на колега во неговото Правно биро, го замоли да повика Брза помош и да дојде.

Дојдоа, го прегледаа, му кажаа дека добил мал срцев удар. Му дадоа инекција и му препорачаа без одлагање да направи детален преглед.

Му открија дека срцето му е слабо, па треба да внимава на него, пред сè друго. Пред сè да одмара подолго по каква било физичка и интелектуална работа.

Вториот срцев удар Стојмир не го преживеа. Слабото срце му откажа. Почина на нозе, на улица преполна со луѓе во итаница, со луѓе во бавно чекорење, со луѓе застанати во разговор. Се сруши мигум. Со рака на срце, со ширум отворени очи, без никаков знак на живот. Притрчаа неколкумина минувачи, го опколија. Еден клекна и се обиде да  му даде прва помош со дишење уста на уста и масирање на срцето. Залудно. Пристигна возило на Прва помош, докторка и асистент се обидоа да го повратат во живот. Ништо. Го сместија во возилото и го однесоа.

Слабото, премаленото срце на Стојмир престана да чука. Последно што во миг виде беше сонце никогаш поблизу.

Leave the first comment