66. Искрена
Роска Зореска, средовечна стројна госпоѓа, близу до педесети:
„Да бидам искрена, млада некогаш бев и средовечна сега сум стројна, мошне привлечна за мажите; пожелувана, па и сакана особено од средовечните и младите. Дури сум била избирана од нив за најубава, најплотска и најсексапилна. Ако ме загледаш и ако се загледаш во мене, сигурна сум дека ќе си признаеш оти досега во животот не си сретнал никоја како мене. Хахаха…Се шегувам, се разбира“.
Роска Зореска ранобудна, гола во постела:
„Да бидам искрена, во мојот досегашен живот сум имала многу љубови. Некои траеја ден, ноќ, два дена, три ноќи, некој месец, три-четири, пет години. Една, посебна, според многу нешта единствена меѓу сите ми траеше дури осум. Да, да, тоа воопшто не е самофалба.
Не е за збунка тоа што велам дека сум имала многу љубови. Сум имала и ми биле. Белки ти не си од оние што тврдат дека човек во животот има само една љубов, а други или ѝ биле како игра, како некаква предигра или просто биле нејзина придружба. Тоа нема врска! Јас баш со моите многу љубови можам да докажам дека секоја е љубов сама по себе и сама за себе. Без оглед на траењето. Особено на страсноста. Секоја си има свое засебно место во мене. Да, да, и нашава“.
Роска Зореска, средовечна деловна жена, близу до педесети. Спастрена госпоѓа, во замрачено кафуле во друштво на средовечни мажи, нејзини колеги уште од студентските денови:
„Да бидам искрена, воопшто не сум задоволна од досега постигнатото во бизнисот. Во ред, мојата компанија добро котира во бизнисменскиот свет, е една од водечките. Можам да речам дека сум и прилично горда на постигнатите резултати и несомнениот перспективен развој. Меѓутоа, не сум задоволна затоа што никако не ми успева да ја поставам на врвот во земјава и опкружувањето. Не, не се во прашање капацитетот и потенцијалноста. Проблем е нелојалната конкуренција еднакво на домашниот и странските пазари од една, а од друга страна неспомагањето од државата, непостоењето никакви заштитни и поттикнувачки мерки…Инаку, јас сум практично повлечена од водечката улога, како сопственичка. Компанијата веќе ја препуштив во рацете на млад и мошне способен менаџерски тим кој успеав да го создадам сама и мошне макотрпно“.
Роска Зореска, средовечна стројна госпоѓа, близу до педесети, со нејзина најнова љубов на зајдисонце, на тераса на нејзина луксузна вила со поглед на езеро:
„Да бидам искрена, и ти нема да ми траеш долго. Ќе бидеш една од моите краткотрајни љубови. Го чувствувам и го знам тоа од искуство. Ве научив вас мажите како дишете. Особено при секс и како и колку се препуштате на нежност. Лесно ве откривам и според однесувањето во кругот на моите познајнички, познајници, пријателки и пријатели…Ти ќе бидеш една од моите краткотрајни љубови пред сè затоа што не се ни обидуваш да откриеш колку вредам и колку би можела да ти значам во животот“.
Роска Зореска со мене, при запознавање, во доцен ноќен час:
„Да бидам искрена, на мојава средовечност, близу до педесетите, сум мошне сама. Таа моја самост ја сметам за најголем животен пораз. Сама сум и меѓу познајници и пријатели, и во бизнисменскиот круг. Не, не е тоа поради немање свое семејство и своја рожба. Секако дека тие дополнително ја отежнуваат и компликуваат, но не се главни. Товарот на мојата самост е најголем кога е збор за тишината со која ме опкружува. Просто ме обѕида со неа, без да остави макар проѕирка за зрак сончевина“.
Одамна не сум бил макар ден, макар ноќ, макар час, макар неколку мига со Роска Зореска. Одамна немам ништо слушнато за неа. Како да пропаднала во земја.