65. Негде и нигде
Ме изненади. Не сум ни помислил, но и никогаш не ми било важно.
Случајно ја прашав мојата долгогодишна пријателка на социјална мрежа на Интернет:
-Кај си сега?
Да, ме изненади со одговорот:
-Моментно сум негде и нигде.
Ја допрашав зачудено:
-Моментно?!
Таа:
-Моментно зашто за оние што одамна не ме сретнале, не биле со мене, којзнае од кога не ме виделе, до вчера бев овде и сегде. Особено за оние што воопшто или никако не ме познаваат.
Јас:
-Добро, негде си. Можам да замислам. Не се знае и не треба да се знае кај си, не треба ни јас. Впрочем, Интернетов овозможува човек да е незнајно каде, што е исто како овде и сега, а во исто време да не е овде и сега исто како да не е нигде. Моментно.
Заклучува:
-Значи, се разбравме. И немој повеќе да ме прашуваш кај сум. Единствено е важно тоа дека сме заедно на социјалнава мрежа додека сме. Дека контактираме секојдневно. Додека случајно или намерно не се најдеме на едно место.
Ѝ одговорив кратко:
-Да.
Се разбравме.