49. Пред фаќање на оро
Стар и млад на сенародна веселба. Седат на клупа под стар даб и пијат ракија.
Младиот:
-Човеку стар, знаеш што значи да си стар?
Стариот:
-Човеку млад, како може јас да не знам?! Па јас сум стар!
Младиот:
-Е, ај кажи ми.
Стариот:
-Да ти кажам. Стар е човек во години или со снеможена снага или со болештини кои го венеат полека, може и несетно. Но, најважно од сè е да не ѝ се дава на староста…Човеку млад, ти знаеш што значи да си млад?
-Младиот:
-Секако дека знам, ама не ти кажувам. Ти ако знаеш, кажи.
Стариот:
-Те прашувам зашто знам дека не знаеш. Ќе ти го кажам само ова: млад човек е на млади години, а духот во неговата младешка снага е полетен, несопирлив, непомирлив, никогаш задоволен со постојно. Над сè е создавачки, творечки.
Младиот испива голтка ракија од чоканчето, го загледува стариот со продорен поглед, па му вели:
-Човеку стар, јас мислам дека ние можеме уште долго заедно. Да ја допиеме ракијава, па да се фатиме на ороно.
Стариот му се насмевнува, го испива чоканчето. Го испива и младиот. Потоа стануваат и еден до друг се фаќаат на оро македонско.