ТЕКОВИ, раскази/ескизи

48. Знаен и незнаен

Знаен и незнаен творец заедно. Не знаат дали за првпат или веќе биле некогаш, но на обајцата тоа им е сосем неважно. Важно дека се заедно? И едниот и другиот тврдат не, а мене нивната рамнодушност ми е сомнителна. Причината е проста: различни им се положбите и статусите односно позициите, но тие исто така се со различни последици. Можам да посведочам оти се однесуваат како на обајцата ништо да не им значат знајноста и незнајноста.

Незнаениот на знаениот:

-Ти си знаен и тоа ти овозможува подобра положба од мојата како незнаен. Исто така, тоа ти овозможува повисок општествен статус од мојот, а веројатно и привилегии кои за мене се недостижни. Претполагам и оти ти се солидни финансиската состојба и материјалната ситуираност. Но, јас можам да ти наведам низа предности на мојата незнаеност.

Знаениот на незнаениот:

-Ги знам, не треба да ми ги наведуваш. И јас сум бил незнаен, а незнаеноста ја надминав со своето дело; пред сè со неговата валоризација, добиените награди и признателноста.

Прочитај и за ... >>  Бидува, 471-480

Незнаениот на знаениот уште ова:

-Мене лично ништо не ми значи дека сум незнаен. Исто колку твојата знаеност. Делото ти е живо, би било и без наградите и признателноста. А и едната и другата на творците не би требало да им значат ништо.

Знаениот на незнаениот уште ова:

-Зборуваш за иста рамнодушност? Не би рекол дека може да е таква. Според мене, твојата е повредна од мојата, доколку може да се зборува за некаква нејзина вредност. Сакам да речам дека ти како незнаен си послободен и поскопоен отколку јас како знаен. Твојата рамнодушност е и попоттикнувачка од мојата.

Можам да посведочам оти делата на обајцата творци имаат бројни почитувачи кои имаат изградени вредносни и естетски критериуми.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.