ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

5. Љубов во спомени

Таа има една љубов во своите спомени. Радо му ја раскажува на секој што ќе ја праша има ли таква меѓу своите сеедно малку или многу, да не е таена и дали е жива. Ја раскажува со своевидна возбуда, дури занесно:

„Како повеќето од нас жените, и јас во животот досегашен сум имала неколку љубови. Мали, обични, големи, неповторливи. Едни со страст, во страст, огнени, други неискажани, недокажани, трети неостварени, неисполнети, четврти невозвратени.

И јас во животот досегашен имав само една љубов што ми е во спомени. Која не е ни од едните, ни од другите, ни од третите…Да, од четвртите е. Значи посебна, единствена и невозвратена.

Го сакав, го сакам и ќе го сакам Матеј. Бевме заедно и кога не бевме. Дење-ноќе. И сме заедно, без оглед што не сме одамна. Не знам дали го знаеше и дали го знае тоа, ама тоа е сосем неважно.

Можеш да замислиш? Не си признавме меѓусебно дека се сакаме, не се ни допревме, а камо ли да се предадеме еден на друг. Секс? Каков секс?! Ти реков дека никогаш не сме се ни допреле. Сите наши средби и контакти ги сведувавме на пријателска, искрена близост, без ништо лично сокриено меѓу нас…Прашуваш дали си недостасувавме еден на друг кога не бевме заедно, кога бевме оддалечени подолго време поради што било? Па нормално! Затоа настојувавме тоа да ни се случува колку може поретко.

Таена ми е љубовта во моите спомени? И е и не е. Веќе ја именував. Матеј е позната, јавна личност. Работевме во иста информатичка компанија, во иста канцеларија со уште неколкумина мажи и жени. Сите мажени, женети, семејни, со рожби. Како јас и тој.

Од компанијата прво замина тој, во Германија, а по две ипол години јас како успешна деловна жена „запливав“ во бизнисот-формирав своја.

Уште сме во врска? Контактираме барем одвреме-навреме? Не. Затоа ми е во спомените. И јас негова посебна, единствена и невозвратена, во неговите? Што знам…Тоа е сосем неважно е!“

Leave the first comment