ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

38. Неизлечиво до смрт

Старецот Спиро го знаеја сите во градот. Цел ден, до час-два пред полноќ седнат крснозе пред книжарницата „Матица“. Опкружен со книги, просто потонат во нив, секогаш со отворена книга в раце. Само одвреме-навреме престануваше да чита кревајќи го погледот кон некој од минувачите и поздравувајќи го со простосрдечна насмевка.

Едно неделно утро и целиот ден потоа старецот Спиро го немаше пред книжарницата. Го немаше ни денови ни недели по таа недела. Некои од оние што го познаваа и го поздравуваа срдечно минувајќи крај него, особено оние што понекогаш кусо разговараа за што било се прашуваа каде е, што му се случило, да не е болен, можеби умрел.

По цели три недели и два дена, ден среда, објавија дека го нашле мртов некои планинари во планинарската куќичка среде густата шума, во подножјето на врвот на планината над градот. Опкружен со книги, просто потонат во нив. Телото му било во распаѓање.

Крај себеси оставил писмо на парче лист пожолтена хартија, со напомена на крајот: „Одобрувам да го објави оној што ќе го пронајде“:

„Имам многу ближни, а ниеден. Од сите заборавен, како одроден. Не е важно зошто, како, кога. Единствено е важно дека тоа беше мојата најголема и најболна неизлечива самотничка болештина до смрт.

Се надевам дека барем некој од моите внуци и правнуци ќе узнаат дека ништо не ми вредел животот, а го преживував само зашто и мене, како на секој човек, ми беше даден од Господа. Дека сум бил“.

Leave the first comment