35. Предводник на народот
Јас, Димитар Близнаковски, угостител, сопственик на најпознатата меана во градот викана „Алтан“, сакам да раскажам за еден намерник кого вчера имав чест да го запознам и да го нагостам. Токму така-имав чест што го запознав и со задоволство го нагостив, притоа не наплатувајќи му ја јадачката и пијачката. Зошто чест и задоволство? Затоа што од него чув и разбрав дека само или некој како него може да ја спаси нашава државичка, за брзо време да ја направи асолна во секој поглед; да му стане на светот пример за углед.
Намерникот беше стар бел дедо. Ќе да имаше седумдесет и некоја година. Но, со стамена става, цврст чекор, кренато чело и бистар поглед. Облечен пристојно: војничко долго зимско палто, темносин костум, наместа излижан од предолго носење, сина кошула, бела пеперушка, бел качкет на глава и војнички црни цокули на нозете. Бел дедо според густата бела коса, густиот мустаќ и долгата неуредна брада.
Седна на масата спроти шанкот и молчешкум чекаше да му дојде келнер и да нарача нешто. Не го соблече капутот. Кога келнерот му пријде тој стана, го соблече капутот, му го подаде да го однесе на закачалка и почна да го разгледува менито.
Ми го привлече вниманието, му пријдов јас и за ручек му го предложив нашиот специјалитет „Алтан ширден“; со зачинот јенибар како доминантен и со уште неколку други кои го издвојуваат од „обичниот“ прилепски; пијачка со него рујно вино. Прифати со задоволство. Ме покани да седнав спроти него и да му правам друштво додека не пристигне јадењето, а може и заедно да ручаме. Седнав, нагласувајќи дека со задоволство дека ќе му правам друштво со една пијачка-чаша рујно вино.
Намерникот ми се претстави: Стојмир Златановски, воен пензионер-капетан прва класа.
Јас, Димитар Билзнаковски, сакам да пренесам од збор до збор што ми кажа Стојмир Златановски додека ручаше, а јас го пиев рујното вино:
„Моите пријателки и пријатели во пензионерскиот дом ми предлагаат да се кандидирам за претседател на државава. Бидејќи не припаѓам на ниедна партија, ниту сум приврзаникм на која било од постојните, сигурно ќе добијам максимална поддршка и ќе бидам избран. Се думам долго, но никако да се решам. Најмногу зашто не сум сигурен дека таков товар можат да поднесат моиве години.
Не, не се плашам од ангажманот, ниту од саможртвата која се подразбира. А имам и јасна програма и цел како, како што се вели преку ноќ да ја направам асолна државичкава, со сите нишани; модерна, развиена, организирана, перспективна, со ведри и весели луѓе, со радосна секидневна живеачка. Точно знам и на каков отпор ќе наидам, па и на какви сè дејанија и деструктивности се подготвени оние што се збогатија и се богатат на грбот на народот, го пљачкосуваат и го разнебитуваат, му ја урнисаа и му ја урнисуваат државичкава. На сè сум подготвен, знам како сето тоа од нив ќе го надминам и како ќе ги сместам таму кај што заслужиле и заслужуваат.
Едно ми создава дилема, па и сомнение: „машинеријата“ на странскиот фактор, кој е длабоко навлезен во сите пори на животот наш насушен. Ако на таа „машинерија“ не ѝ се допадне направеното и она што го правиш, ако е против нејзините пред сè геостратешки интереси, брзо ќе ти го најдат крајот. Можам да ти наведам многу такви примери во минатото и денес. Добро, не треба да ми кажеш дека тој ништо не ми може штом е народот со мене, зад мене и пред мене, ама сепак.
Немам што да кријам ни од тебе ни од кого било друг. Напротив, сегде и секому му кажувам што би направил и што би правел кога јас би бил предводник на народот, конкретно негов претседател. Еве, по ред:
Тотална реформа на правниот и политичкиот систем и тотална деполитизација на системот. Многу едноставно: уставно преуредување, преземање и стриктна примена на меѓународното право од збор до збор, и укинување на партиите какви што се сега, чија единствена цел е гола борба за власт и секакви привилегии. Како сакаш наречи го системот што би го поставил односно уредил (според мене, најблизок е претседателскиот): претседател на државата, едновремено премиер, најнеопходни министерства (да не ти конкретизирам колку), со министри-авторитетни, стручни и видни личности во соодветните области (на пример министер за култура видна, авторитетна и заслужна мислечка и творечка личност, министер за одбрана компетентно, авторитетно, стручно, дури меѓународно признаено воено лице); извршна власт со парламент односно пратеници кои се избрани на непосредни избори во една изборна единица и исклучиво професионална судска власт.
Сржта на тој радикален потег е волонтерското, доброволното, можеби е најточно да се нарече аматерско работење во интерес на народот, на севкупната заедничка живеачка. И тоа од врвот, од мене како претседател на државата, па сè до градоначалникот! Просто речено: за таквиот ангажман, кој патем не е и не може да биде секидневен и со „полно“ работно време, од буџетот да се исплаќа само дневница и да се признаат само патните трошоци за времето колку што ќе трпи работата на неговото работно место, неговиот бизнис, неговиот егзистенцијален ангажман. Ништо повеќе и ништо помалку!
Знам дека ти е особено интересна мојата заложба за укинување на партиите какви што се сега. Само едно ќе ти откријам, без детализирање: партиите да се претворат односно да се регистрираат како политички клубови и друштва, на исто рамниште и со исти ангажмани и цели како сите други што се сега дел од таканаречениот невладин сектор. И тоа без никакви услови, како на пример минимален број членови; да може да се формира и „еден човек партија“.
Да не заборавам, на крајот: само еден четиригодишен мандат (потоа евентуално втор по четиригодишно „ мирување“) за сите што се подготвени и ќе бидат избрани да работат во интерес на народот и државата односно општеството“.
Јас, Димитар Билзнаковски, го гледав молчешкум право в очи и најсетне го прашав Стојмир Златановски; кој во меѓувреме го заврши својот ручек и беше пред заминување од мојата меана:
„И? Близу си до решение? Ќе се кандидираш за претседател на државичкава?“
Тој веќе станат:
„Моите пријателки и пријатели во пензионерскиот дом почнаа дури да инсистираат, да ме притискаат да се кандидирам. Уште се думам. Мислата и патриотизмот сè повеќе ми навалуваат кон прифаќање“.
Одвај успеав да го убедам да прифати ручекот и пијачката да бидат на моја сметка.