ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

33. Гневен, рамнодушна и немошен

Во последниве неколку дена, по митингот на Партијата на самосвесни личности на Плоштадот на демократијата гледам заедно гневен младич, накај дваесет и две-три години, рамнодушна жена на не повеќе од триесет и четири-пет, и немошен човек во години, шеесетина, кој снагата си ја крепи со бастун. Да, ги гледам заедно, колку што можам подискретно, како незаинтересирано.

Конечно решавам да им пријдам.

-Простете, но не можам да одолеам да не ве запознам одблизу. Мошне сте ми впечатливи. Мислам дека морам нешто да слушнам и разберам за вас вака, заедно.

Рамнодушната жена:

-Не знам со што сме го привлекле Вашето внимание, Господине. А признавам дека е необично што велите дека морате нешто да слушнете и разберете од нас. Што тоа?…Кои сте Вие?

Јас:

-Да ви се претставам, јас сум сенка на човек што реши сосем да се повлече од јавниот живот, просто да исчезне. Инаку е познат политичар и голем патриот. Јас одвреме-навреме, како негова сега несетно го напуштам неколку часа и се замешувам во народот за да не го заборават и тој да не ги заборави нив.

Немошниот човек:

-Јас од искуство знам дека човекот не е човек без своја сенка…

Јас.

-Точно, но јас само неколку часа…Како издржувате вака, заедно? Признавам дека досега не сум чула за вакво заедништво, за сплотеност меѓу гневен, рамнодушна и немошен.

Гневниот:

-Само така успеваме да го издржуваме сево ова што се случува со нас, за нас и околу нас.

Молк заедно некое време, па пак јас:

-Нема повеќе да одземам од вашето време. Само уште она што морам да го слушнам и разберам за вас: вие се разбирате меѓусебно во сè и за сè или одбегнувате сè што може да предизвика спротивни мислења и ставови, особено она што може да ве оддалечи, да ве раздели?

Пак рамнодушната жена:

-Напротив! Не се разбираме во сè и за сè и воопшто не ги одбегнуваме спротивните мислења и ставови. Заедно сме на Плоштадов на демократијата зашто така сме најмобилни, дејствуваме еднодушно и силно и сме сигурни дека промените за подобар живот најмногу зависат од нас.

Признавам, јас како сенка на човек познат политичар и голем патриот останав обезоружен. Почекав да зајде сонцето, па несетно се вратив во него.

Leave the first comment