ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

31. Животна грешка

Направи животна грешка која до смрт не ќе може и нема да си ја прости. Не ја направи од небрежност или непромисленост, туку поради многу години неснослив живот; беден, самотен, рамнодушен, безнадежен. Да, многу години. Веќе не ни памети колку, од кога досега. Не ќе може и нема да си ја прости зашто знае дека нема враќање, а знае и дека ако успее да се врати нема да го пречека живо. Може и одвеано од ветришта, дури без камен како трага на постоење од дамнина.

Единствена, последна или прва животна грешка? Не може да си одговори. Не знае. Мисли дека секој човек прави многу грешки во животот, а животната значи судбоносна, пресвртна, неповторлива и непоправлива. Во сечиј живот е една и единствена? Веројатно. Според него, бидејќи е животна грешка секогаш последиците од неа се тешки, мачни, болни и ненадминливи.

По  многу години беден, самотен, рамнодушен, безнадежен и запустен живот го напушти своето огниште. Речиси во урнатини, обраснато со диви треви и трње, во мрачнина и длабок молк, бессилно. Во кое сè уште тлееше жар.

Leave the first comment