ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

24. Молчаливец

Јас како друг, во врска со мене:

„Татко ми Наум го паметам како голем молчаливец. Откако ќе беше прашан за што-годе, ќе кажеше само збор-два по долго молчење. Во градот, меѓу роднините и пријателите беше познат најмногу како молчаливец, па затоа ретко беше прашан.

Меѓу многу други нешта, мене живо ме интересира ономастиката. Од неа интересна ми е топонимијата, континуирано ја проучувам македонската, особено во минатото на просторите насилно припоени на соседните држави. Но, некако повеќе ме интересира антропономастиката. За името на татко ми знаев додека беше жив. Него тоа воопшто не го интересираше.

Неговото име не можам да го поврзам со неговиот карактер и однесување. Наум, име со еврејско потекло, значи утешител односно човек полн со утеха. Да, беше мирен, може да се рече и прилагодлив, но лесно возбудлив секако не. Напротив, зрачеше со спокојство, а неретко во многу пресвртни, дури драматични моменти од нашата семејна живеачка просто нервираше со својата рамнодушност. Привидна? И сега не знам.

Што се однесува на нашата семејна живеачка, кога станува збор за него како глава на семејството со задоволство нагласувам дека добрата, пријатната, хармоничната атмосфера најмногу беше по негова заслуга. Мислам најмногу благодарение токму на неговата молчаливост.

Некаква врска со Свети Наум Охридски? Никогаш не ми паднало тоа на ум, особено зашто нашето семејно стебло нема никаква допирна точка, „допирна жила“ со Охрид. Неговите најдлабоки корени се во крушевското село Долно Дивјаци.

Татко ми Наум стана најголем молчаливец откако брат ми создаде свое семејство и почина ненадејно, на четириесет и шест години. Живеејќи чесно, надежно, сиромашно, мачно, дури страдално“.

Leave the first comment