15. Историјата и политиката
Одејќи по улица со спокојни и бавни чекори, за историјата и политиката разговараат историчарот Никифор Јордановски и политичарот Симон Јаворовски. Раззговараат прилично гласно, па минувачите крај нив сакале-не сеакале слушаат, подзастануваат, ги загледуваат; некои некое време одат наспоредно со нив или по нив, слушајќи ги внимателно.
Ги следев во чекор, кусо време и на чекор зад нив, незабележливо, но тоа што го чув ми беше доволно познато, што значи неинтересно. Имено, и едниот и другиот искажаа свои мисли и ставови кои за мене не беа ништо ново; ги слушам од слични на нив на истакнати, високи, влијателни позиции речиси секој ден. Особено во последно време, откога платеничкото деструктивно и велепредавничко владеење стана нешто што се прифаќа од народот поразително, беспомошно и рамнодушно.
Не знам зошто, не се ни обидувам да размислам зошто решавам да го прекажам и запишам она малку што го чув од збор до збор.
Историчарот Никифор Јордановски:
„Историјата треба да им се остави на историчарите. Политичарите нека си тераат политика во сегашноста и за иднината на општествово и државава. Исто како што хемијата треба да им се остави на хемичарите, математиката на математичарите. Тоа еднакво се однесува на секоја друга фактичка, општествена, природна и формална наука…Политичарите треба да се занимаваат со политика, без оглед што и колку знаат за неа и колку ја разбираат“.
Политичарот Симон Јаворовски:
„Не се согласувам сосем со тебе, пријателе. Таква стриктна делба ниту постоела, ниту може да постои. Отсекогаш имало и има политика во конкретна наука, а се разбира и научна фундираност на политиката. Ако не е така, тогаш најпрвин ќе имаме волунтаризам, а потоа најмногу манипулации, едностраности, па и лаги што ќе ги надминат вистините“.
Историчарот Никифор:
„Ај немој сега да ми го спомнуваш Аристотеловиот зоон политикон, политичкото битие како единствено можно за опстанок на човекот во овој свет. Тоа нема врска со нашава тема…Јас сакам да бидам конкретен, како историчар, па ти тврдам: кога политиката со помош на свои историчари, всушност квазиисторичари, значи од нив платени и инструирани, односно од истите оние што нив ги плаќаат и инструираат го крои, го прекројува минатото, тоа не е и не може да биде историја, поточно историска наука. Според мене, тогаш станува збор за едно тотално соголено политикантство и велепредавство од највисок степен. Уште ако се знае дека минатото не може да се менува за наметнување на некаква нова стварност со неизвесна иднина…Точно е дека историјата ја пишуваат победници, но таа се темели на откриени артефакти, докажани вистини и сочувани, оригинални документи!“.
Политичарот Симон:
„Драг мој пријателе, зарем треба да ти кажувам и докажувам дека сè е политика? Дека ништо не може без политика, дека животот е политика? Белки не треба ни да ти спомнам дека и политиката е општествена наука…Да, се согласувам дека научното занимавање со политика е нешто сосема друго, а барањето политиката да стои настрана од историјата се однесува на дневната и конкретната политика. Имаме „жив пример“ на грубо, безобразно, безобѕирно, јас би рекол беспримерно мешање на политиката, најконкретно на шовинизмот, наци-фашизмот и територијалните аспирации спрема нас од наши соседи. Според мене, поважно од сè е изродничкото и велепредавничко прифаќање на такво мешање од страна на наши историчари и политичари…Да се поправам: на квазиисторичари и квазиполитичари кои се натурени како власт токму со таква задача. Меѓутоа, народот…
Го пресекува во збор подналутено и со повишен глас историчарот Јордановски:
„Што народот?! Што може тој отепан од сиромошатија, беда, исподелен на секакви начини, по секакви основи? Да, и испоплашен за својата гола егзистенција!? Ништо не може!…Уште ако го земеме предвид насилието директно и индиректно поврзано со геополитичките и геостратешките интереси на туѓинските сили, таканаречените „стратешки партнери“, како и нивниот „систем“ на „извоз на демократија“, всушност досегашни ништења на народи, нации, успешни, развиени и перспективни држави…И не ми ги ни спомнувај политичките партии, нужноста од трета опција, неопходното организирање и предводење на народот од лидер кој треба да се „роди“…Јас не само како историчар, туку најпрвин како мислечка личност и автор на многу дела за историјата на нашиот народ и малцинствата што со векови живеат со нас и крај нас, би бил задоволен кога токму квазиисторичарите би ги „разголиле“, катаден би ги „разголувале“, катаден би им ги разголувале срамотилаците, дури и би ги исмевале поради нивното слугување не на политиката, туку на квазиполитичарите и политикантите на власт!“
Погледнав на мојот рачен часовник и си го продолжив бавното и спокојно чекорење по улицата, меѓу луѓето. Имам време. Секако ќе стасам навреме на влезот во Градскиот парк, на состанок со мојата љубов.