14. Заживеана куќа
Нашата стара куќа пак заживеа на радост на сите нас, ближни и далечни, од неа дамна излезени, иселени, низ светот раселени. Заживеа на крајот од животот, што се вели, речиси пред да ја урне кое било и какво било време или невреме. Одамна огласивме дека ја продаваме, но до вчера никој не се јави. На наша голема изненада и неизмерна радост, вчера квечерум се јавија да ја купат нашите, поточно нејзините соседи Крстеви.
Понудија малку пари, колку за две вреќи брашно. Ги знаеме, цел век ни беа и ни се соседи. Сиромаси, секогаш го крпеле животот.
Ги прашав:
-Зошто сакате да ја купите?
Ми одговори стариот Велјан:
-Внук ми сака да ја заживее и да живее во неа. Реши да остане во селово со нас и да биде до нас. Ќе ѝ ги зајакне темелите и ѕидовите, ќе ѝ стави нови прозорци и врати, ќе ја покрие со нов покрив, а и ќе ѝ доѕида две одаи за двата сина и ќерката, моите правнуци, да имаат сите своја.
Прифативме без никаква двојба, реков со неизмерна радост, а за цената не правевме муабет.
Нашата стара куќа е навистина на крајот од животот, што се вели, пред уривање, пред да ја урне кое било и какво било време или невреме. Со одамна угаснато огниште среде дневната соба, со голема дупка на покривот од ќерамиди и со влажни ѕидови од тули, камења и греди. Наместо прозорци и врати, големи дупки низ кои вијат ветриња и ветришта. Кога ја видовме последниот пат јас и мои ближни, пред две ипол години, до срамнување со земја ѝ дадовме не повеќе од две години. Сигурно меѓу првите во селото, ако не и прва.
Му реков на Коста, внукот на Велјан со кого заедно го минав детсвото и првите младешки години:
-Нема зборови со кои би ти ја опишал радоста дека ќе ја заживееш куќава и ќе заживееш во неа. Пак ќе гори оган во угаснатото огниште. Да знаеш, посакував и потајно се надевав дека баш вие, Крстеви, нашите добри соседи, ќе се одлучите да ја купите. Ама…Малку се чудам. Селово е запустено, живите куќи можат да се избројат со прстите на рацете, а ти не ни помислуваш да го напуштиш, да се иселиш?
Коста ме изненади со одговорот, ме остави без збор:
-Знаеш, Дамјан, згрешивте сите вие што го напуштивте селово и ќе згрешат сите што се подготвуваат да го напуштат. Земјава е колку што сакаш, плодна, дури повеќе од што можеш да ја работиш, природава негибната од човечка рака; има сè што треба за човечка живеачка; и да пукаш од здравје…Се сеќаваш на изворон во пештерана под ридон? Како деца крај него се игравме најмногу, од рано утро до квечер.
Јас:
-Се разбира. Извор бистар, извор од кој да пиеш, а да не се изнапиеш. Не е секнат, нели?
Тој:
-Не е. Зошто би?!…Е, да знаеш дека куќава ти ја купувам, ја заживувам и ќе заживеам во неа најмногу поради него. Нема на светов побистар и со поубава вода.
Го загледав со широка насмевка. Станавме. Ме исплати и се поздравивме срдечно. Излегов на селското џаде и по стотина чекори се свртев за да ја догледам куќата последен пат. Ми се насолзеа очите.