ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

12. На последна и прва постојка

Во последно време сè почесто сум на постојката што ми е последна и прва. Тоа значи на која стасувам, постојувам, па продолжувам кон дома и на која постојувам и чекам за да тргнам кон негде. Впрочем, како што им е повеќе последна отколку прва на луѓе во години, а на повеќе во младешки и зрели повеќе прва отколку последна.

Не знам дали и колку е интересно тоа дека постојката е и автобуска и железничка. Можеби повеќе дека е и авионска. Не аеродромска чекална, туку затоа што недалеку, на километар-два спроти неа е меѓународен аеродром. Нејсе. Мене лично ми е автобуска, а со оглед на годините и остатокот на животот може да се случи уште некојпат да ми биде железничика. Авионска сигурно не зашто не сакам да летам со авион; сум летал стотина пати на сите страни на светот додека работев, водев бизнис. Затоа што тоа-летањето од поодамна може да биде опасно за моето срце.

Постојката е обична, застаклена, покриена, со две метални клупи. Јас сè почесто стојам во нејзин агол и не брзам. Поначесто пропуштам неколку од автобусите на мојата патувачка линија. Причината е за мене едноставна, за некои од оние на кои им ја кажувам неразбирлива, дури збунувачка: стојам и незабележливо ги загледувам лицата и нивните стави. Зошто? Нема ни зошто ни затоа. Едноставно, сум забележал дека на постојкава оние на кои таа им е последна или прва, како и на оние на кои им е и последна и прва ми изгледаат поразлични од оние што бавно или забрзано си одат по свој пат.

Забележувам нешто што ме загрижува сè повеќе. Разбирам зошто и како, но никако не ми е прифатливо: сè повеќе лица на чекачи и чекачки се замислени, некои многу длабоко и догледувам сè повеќе загрижени и испиени. Нивните снаги, пак, сè посвиткани, дури подгрбавени.

Реков дека тоа ме загрижува и никако не ми е прифатливо, но попрво од сè тоа сè повеќе ме растажува. Додавам: најмногу од чекачите и чекачките на мојата последна и прва постојка молчат рамнодушно. Како замолчени поради нешто или нешта, од некого или од некои.

Leave the first comment