Те изделувам од толпата.
Ти растеш, се извишуваш пред мене.
Твоето тело за мене совршено дури
и во неприродни димензии.
Што ќе значи твоето време?, ме праша кога седнавме на креветот.
Засега само знам дека ќе значи нешто ако јас самиот бидам со него. Зашто треба да ме поврзе со она што минало и со она што треба да мине кога ќе посакам. И со она што минува ако треба. Сакам да речам дека ќе значи нешто за да биде мое. Лично јас да располагам со него. Сакам да речам да го имам кога ми треба.
Е Јасене, Јасене Виорски! И ти така за времето. Како да е човек, како некој што во сè и за сè ќе зависи од тебе. Па да, имаш право…Мислам дека си прилично агресивна личност. Се прашувам дали ќе може да те издржи. Тоа, твоето време. Не сметаш ли дека веќе не е цело, туку веќе си го поделивме и го делиме подеднакво на обајцата? Дека затоа ни е сега толку големо?
Ти си, Марија Имотска! Тоа е непобитен факт. Ништо друго не е важно!
Дозволи да продолжам…И друго да те прашам: сметаш ли дека она што ти минува сега, што се оддалечува во овој миг, во овој миг се оддалечува од тебе, сметаш ли дека тоа на некој начин е почеток на некое друго твое време? Или, пак, мислиш дека е тоа само продолжение на она што ти минало досега како дел од твоето сегашно, макар да си го прифатил разделено меѓу нас? Или, кончено, мислиш дека твоето време и сега е едно?, се нафрли врз мене со прашања чии одговори, сигурен сум, можеше да ги претпостави.
Знам зошто ме прашуваш, Марија Имотска. Ме прашуваш зашто тоа ти треба. Ги претпоставуваш одговорите, но сакаш да си сигурна во твоето логично премислување. Па добро, внимавај што ќе ти речам: ние си го поделивме само времето. Сè друго оставивме цело…Значи, ти и натаму остануваш со мене. Мораме да продолжиме!…А си го поделивме времето најпрвин бидејќи веруваме дека вака моето време секогаш ќе има нов крај и нов почеток. Ако не некој друг, јас ќе му ги давам. Со нас ќе продолжува само она што сме го направиле порано. Дали сум доволно јасен?
Чекај малку! Во тој случај каде ќе е почетокот на твоето време и каде мислиш да заврши? Јас планирав поинаку.
Како планираше ти, Марија Имотска?
На пример, во твоето време, Јасене Виорски, треба да си сам. Затоа мислам дека бараше да го делиме. Така би почнал, а би завршил со некој спомен од детството.
Малку поинаку: ако почнам да создавам нешто мое, не за другите, тоа значи дека го почнувам своето време. Кога ќе го завршам, завршува и тоа.
Како човек си ти, Јасене Виорски?! Никако не можам да те разберам. Еднаш велиш ми треба простор, а другпат само во собава со денови, продолжи таа.
Седевме на креветот долго.
Тоа ако внимаваш на другите кога ќе затреба, додаде.
Ти самата не знаеш која си, а јас добро се знам себеси. Тоа е едно откривање однатре; со маска пред другите, а помалку на себе. Или ако побарам другите да се околу мене, а јас да мислам дека мене всушност ме нема меѓу нив.
Дали сме сами?, го праша кога станаа.
Не. А ти?, ја праша кога станаа.
Да.
Некој се обидуваше нечујно да ја отклучи вратата.