105. Кукли
Тие ѝ се од детството и се многу, не можат да се добројат. Секакви се: мали, големи; голи, облечени; шиени, плетени; сламени, платнени, стаклени, гипсани, пластични; камени, месингани, жичани; бели, црвени, зелени, жолти, кафени, шарени; празни, плишени, полни со крпи, памук, волна или трици; проѕирни, непровидни; едноделни, дводелни; насемани, замислени, рамнодушни; легнати, исправени: неподвижни, што одат, плачат, танцуваат и кажуваат „мама“, „те сакам“.
Одвреме-навреме ги вади од витрината, ги расфрлува околу себе или ги реди пред себе, па ги чисти од прав и пајажина.
Денеска ги собра во голема торба и ги однесе во планината над градот, прекриена со густа шума. Заедно со неа да подишат планински воздух.