120. На умирање
И моево село е на умирање. Нѐ има уште тројца, јас и немошни старец и старица во соседнава куќа. Одвај стојат на нозе, па не можам да ги оставам. Се договоривме да ги помагам колку можам и да ги испратам на оној свет. Потоа ќе заминам.
Не труди се да броиш. Селово има точно двесте и шеесет и четири куќи. Само мојава и на старите се уште живи. Вратите на сите други се заклучени со големи катинари, а прозорците се затворени со дрвени капаци.
Татко ми, Бог да го прости, пред и по заминување на секој во туѓина, пред одење во неврат велеше:
„Куќа во која нема живот неминовно умира“.