87. Густа шума
Му требаа четири ипол години да извиши густа шума до небо. Посади брзорастечки дрвја близу едни до други, па кога пораснаа крошните им се мешаа и испреплетуваа. Во шумата човек одвај се движеше помеѓу нив, а сонцето одвај се пробиваше со понекој зрак напладне.
Откако почна да ги сече со пила и секира, секое второ или трето во ред, за дрва за греење зиме, за дрвена граѓа и биомаса, се разбра дека човекот бил голем бизнисмен.
Тој, пак, постојано убедува дека густата шума извишена до небо му служи за чист воздух и здрав живот. М;у нуди секому заедно да навлезат во неа и да поживеат макар ден-два во неговата дрвена куќичка.