СВЕТОВИ, поезија/припеви, 96-102

Потребно време за читање: < 1 минута

96. Огледало

Големо огледало без рамка
спроти убавина неминлива.
За да се огледува во него,
како во спокоен кладенец,
секогаш кога некој
ќе посака да биде со неа,
да ја придружува во нова
авантура на нејзиниот дух.

97. Млади корени

Се собрале млади корени
околу стари и длабоки,
та почнале да се шират
со припомош на сонце
што изгрева и зајдува
во нивна надеж.
Дека иднината на светот
е во нивната самосвест.

98. Љубовна игра

Играат своја игра
две љубови скришни;
која никој без нив
не знае да ја заигра
како нив.
Дали е тоа затоа што
играта е нивна
или оти е скришна?
Тоа не е прашање
за одговор.

99. Стрчување

Се стрчале сами луѓе
за навреме да стасаат
негде,
каде што никој нема
да им бара нешто
што природата
го нема без нив,
го нема за нив,
а се радуваат на она
што таа штедро
им го дава безвремено.

100. Хоризонт зад крстопат

Конечно догледен хоризонт
зад жив крстопат на патишта
кои водат незнајно каде,
а на сите страни на светот.
Секој што е решен
да продолжи по свој пат,
за да се најде на хоризонтот,
треба да ја осознае
неговата животност
во неговата неизвесност.

101. Денови без ноќи

Имало и има денови без ноќи
во постоењето на свет
што премалува од освојување
на блиски и далечни,
слични и различни од него
светови;
самосвојни, самобитни,
неповторливи.
Без ноќи во кои соништата
не се дел од стварности.

102. Јуначни

Се бараат јуначни
кои ќе зачекорат
стамено кон светлина
низ мрачнина,
за со нив народ
да стаса во време
кое сал нему целосно
ќе му се посвети.