91. И
И донесе на небо облак
ветер од нигде ко од сегде.
И истури дожд врз
голи луѓе и сува земја.
И надојдоа матни реки
од надземи и подземи.
И поплавија игри и песни
за некое друго време.
92. Сторенија
Се редат сторенија
пред големи и мали луѓе
во ниедно време едно
како да се дел од свет
мигум скаменет
мигум замолчен
мигум безживотен.
93. Аждер на сон
Му дојде аждер
на сон пред будење
како да сакаше
да го поведе
кон предел од огнови
и мразнина.
Се разбуди во оган
и мразнина,
а аждерот одлета
кон несмртен крик.
94. Близок род
Далечен а близок род
којзнае дали е жив
или веќе дамна мртов
штом ни глас ни знак
од него,
како да се одродил.
Само пуста надеж
дека не заборавил
кај му е родот.
95. Правина
Во правина луѓе
луѓе за правина
се нашле намерно
пред правина прави
за правина своја
да изнесат
на бела виделина.