Потребно време за читање: < 1 минута

86. Врзоп жалости

Не го одврзувај
врзопот жалости
што ти го оставив
на замин.
Ќе те обземат тие,
може да те свенат,
па такви, свенати
да станат дел од
дамнешна љубов.

87. Исплива

Исплива на брег
стаклено ѕвоно
од пенливо море;
со стишан ѕвон
во неа
од  игра последна
на два
бесмртни гласа.

88. Огледно

Може да е светлина,
може да е мрачнина
сосе нашите корени
откорнати  од нечиј
намерен заборав
во којзнае колку
голема длабина.
Може да е светлина,
може да е мрачнина.

89. Се утаила

Сал од мене зависи
дали или кога
случајно или намерно
ќе откриеш моја трага
од наше дамнешно
во сегашно време.
Бидејќи се утаила
совреме сама
за да не ја усмрти
минливост бессона.

90. Зошто

Одамна ја знаеме
конечноста,
но не ја доумуваме
бесконечнста.
Тоа затоа што
никој досега од неа
не се вратил
како живот еден
неповторлив.
Тоа само затоа.