Светот во жива мисла

Потребно време за читање: 3 минути

Многумина го прашуваа и тоа го натера да размисли и да подготви прецизен, непореклив одговор што е за него живата мисла. Зарем има мртва?! Зарем мислата живее и умира?! А зарем нема вечно жива мисла?

Подготви прецизен, непореклив одговор кој реши да го вгради како некаков вовед во своето дело „Жива мисла“:

„Како сè друго живо во светот, и живата мисла е жива додека живее во мисловниот хабитус на секоја мислечка личност. Умира, мртва е кога ќе исчезне од неговата меморија. Или кога е надмината од друга, може подлабока, посеопфатна, може попрецизна, поконкретна.

Прво, единствено и само по себе највисоко место во живата мисла има светот. Целиот свет. И живиот и мртвиот. Се разбира, пред сè промислен, докажан, разбран во неговата целовитост. Светот кој едновремено ја храни и одржува живата мисла, но истовремено таа, живата мисла е стварен и замислен или заумен свет. Заеднички им се континуитетот, динамиката, ритамот и меѓусебната обусловеност.

Исто како живиот и мртвиот свет, и живата мисла е слободна, независна, самостојна, самоименувачка. Живородно и животворно. Во најголема мера слободна, независна, самостојна и самоименувачка независно од нејзиниот творец, нејзиниот автор. Неретко забележана, запишана како народна или на непознат мислител. Што во суштина е сосем неважно.

Моите мисли за што било се живи не затоа што се длабоки, сеопфатни, прецизно искажани, тоа и јас како секој друг не можам да го знам, туку најпрвин поради нивната отвореност-за дополнување, докажување, обновување, па дури и за видоизменување“.

Светот, живата мисла и светот во жива мисла во делото на Теофил Вишнен:

Во секој свет, и голем и мал, и жив и мртов, живата мисла е извишена и возвишена.

Светот во живата мисла е секогаш на сцена. Зад сцената тие се најчесто испреплетени.

Може жива мисла меѓу жив и мртов свет? Не може. Таа е секогаш и во едниот и во другиот.

Го мислиме светот додека сме живи, но не успеваме да го домислиме.

Два или многу живи и мртви светови во жива мисла? Многу како два.

Светот има самостоен живот додека е жив. Кој треба непрестано да се открива, сознава и промислува.

И светот и живата мисла, одделно и заедно, се  колку самостојни, толку во заедништво.

Не суди за светот како жив или мртов, туку разбирај го и прифаќај го како твој. Во кој твоето постоење е суштествено.  

Светот е неизмерно голем во жива мисла. Во неа единствен и безграничен.

Нека бидат отворени твојот свет и твојата жива мисла.

За мене светот што бил и што е го одржува мислата за постоењето како дел од универзумот.

Што е со сетилата и живата мисла? Тие во неа се свет без кој таа не опстанува.

Светот е таков каков што е и каков што мислата го гради или разградува, напредува или назадува, го обогатува или осиромашува.

Живата мисла е за секого во живиот и за сè во мртвиот свет сè додека е жива.

Мислата е светлина до вистината и слободата. И во нив.

Го сакаш светот зашто си во него, го разбираш и ги одгатнуваш неговите тајни на постоењето.

Живиот свет е мртов, а мртвиот жив кога живата мисла не само што ги придвижува кон нови предизвици, туку и им ја изедначува важноста на неговите минати, сегашни и идни времиња.   

Можеби постои мртва мисла, но јас не ја признавам. Досега не сум сретнал, слушнал или прочитал ниедна таква.

Светот во живата мисла е истовремено еднозначен и многузначен.

Во јадрото на светот и во јадрото на живата мисла е оган што животвори.

Ти избираш меѓу жив и мртов свет, а живата мисла те избира тебе.

Може ли мртвиот свет без жива мисла? Не може, исто како што без неа не може мртвата природа.

Не си што си без свој свет и своја мисла.

Го мислам светот зашто во него постојам.

Ако подлабоко навлеземе во историјата на човечката цивилизација, ќе заклучиме дека живата мисла како мудрост е нејзина најдлабока трага.

Мислечките луѓе отсекогаш биле и секогаш ќе бидат предводници на светот.

Светот во живата мисла е секогаш разновиден.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 14